Новата книга за деца „Ведра“ од Јулијана Величковска ќе биде промовирана во сабота (24 декември) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
„’Ведра’ е приказна што си игра со архетипите, влегува длабоко и таму буричка, менува, поправа, разместува, отклучува. Го има оддалечувањето од домот, ги има опозициите добро – зло, светло – темно, блиску – далеку, но има и изненадувања, кои самите ќе ги откриете кога ќе ја прочитате. ‘Ведра’ ги има главните карактеристики на литературата за деца: директно му се обраќа на детето, ненаметливо го подучува, нежно влегува во неговиот несвесен свет и таму менува колективни знаења што не се нужно точни; покрај тоа, духовита е, и приказната и илустрациите. Децата ќе ја обожаваат. И, како и секоја добра приказна за деца, ова не е само приказна за деца, туку е приказна за секого“, пишува поетот Ѓоко Здравески кон книгата.
Промоцијата ќе започне во 14:00 часот, а промотор ќе биде Весна Мојсова – Чепишевска. Придружната музика ќе биде на Јован Јовановски.
Книгата е илустрирана од Марио Каев.
Јулијана Величковска е писател, уредник и преведувач. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, и коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“. Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“, стихозбирките „Комарци“ и „Отворена книга“, романот „Годишни времиња“, како и на повеќе од дваесет и пет книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик.