Партизанска штампа во соработка со уметникот Матеј Богдановски го најавуваат првото издание на „Колаж поезија“. Изданието ќе се промовира утре, на 7 декември во „Ла Кања“ и ќе биде достапно во тираж од 1000 примероци.
Со почеток во 20 часот, промоцијата ќе биде збогатена со изработка на колаж од дневни весници, изработен во живо врз „отвореното платно“ во локалот.
Во процесот на изработка може да се вклучи и публиката.
Уметникот Матеј Богдновски вели дека весник поезијата е резултат со неговото играње со колажот како техника.
„Уште пред неколку години во еден друг циклус јас се играв со насловите од весниците, но ограничувајќи се само на еден наслов на кој му ги извртував зборовите и со тоа добиваше поинакво, да речам, апсурдно значење, со кое сакав и да го доловам моето доживување на нашите состојби во општеството. Со весник поезијата само отидов чекор понатаму, со тоа што ‘песните’ се составени од повеќе наслови, не е битно колку и од кој весник“, истакнува тој.
Богдановски истакнува дека инспирацијата за весник поезијата ја наоѓа читајќи ги дневните весници и притоа прилагодувајќи им ја содржината за да дава поетична смисла.
„Весник поезијата не е усмерена кон една одредена проблематика во општеството. Но секако би ја нарекол општествено засегната. Тоа доаѓа од една страна и од самата содржина на весниците кои се секогаш актуелни збиднувања и се од разни сегменти на живеењето, економија, политика, спорт, забава, култура… Од друга страна, колку и да звучи надреалистична, сепак оваа поезија сакам да го рефлектира општеството на некој начин, Можеби како во некое скршено огледало, но сепак одразот е него“, дополнува тој.
Богдановски: Со „Весник поезијата“ грдото лице на нашето општество изгледа помалку страшно