Промоција на „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков вечерва во ДПМ

Промоцијата на романот „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков ќе се одржи вечерва, 17 декември, во 19 часот во просториите на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ). Промоторка ќе биде писателката, уредничка и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска.

„Ветрилиште е именка, којашто лесно го упатува говорителот на македонскиот јазик на една друга, почеста и повообичаена именка-синоним: ветрометина/ветромет. Наставката -иште (во ветрилиште), која заедно со наставката -ина (во ветрометина) е сигнал за аугментатив и помага во брзото препознавање на именката употребена во несекојдневна форма – ветрилиште. Фигуративно, со преносно значење, ветрилиште/ветрометина се места изложени на многу опасности. Е токму такво е ‘Ветрилиште’ како збор-наслов на најновиот роман на Анѓелков: изложеност на приказната, на нарацијата, ако сакате и на животот на главниот лик Борис/Писателот (па и на авторот!)… на многу опасности. Или предизвици“, се вели во најавата за настанот.

Досега, Игор Анѓелков ги има објавено делата: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023).