Во понеделник во 20:00 часот во Менада ќе се одржи промоција на романот „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска. За романот ќе зборуваат Лидија Димковска и Ѓоко Здравески.
Според Лидија Димковска, „Вишнова хроника“ претставува бело-црна хроника на растењето, на пријателството, на љубовта, на случајноста што се претвора во судбина и на судбината што станува случај, а како таков и животна, но и книжевна приказна. Приказната е раскажана од детско-младешка машка перспектива, ликовите се впечатливи, а времето со сите свои тажни невремиња и проблесоци на среќа е македонско, но и универзално сведоштво на една посеопфатна материјална и духовна криза во која западнал не само човекот, туку и човештвото. Потрагата по себе неретко е загуба и на себе и на другиот.
„Првиот впечаток по прочитувањето на книгата. Одличен раскажувач, и како раскажувач и како лик. Одлично воведно полнење на ликот со опишувањето на детството, посеаните семиња никнуваат низ романот. Браво за Ана и за Јасмин, каков пресврт! Браво за хуморот, браво за расфрланите референции од стварноста во која живееме. Создадениот свет одлично функционира, без тоа нема роман. Романот вози одлично. Браво за крајот! Зашто онаа на Аристотел е како зен точна, треба да има: почеток, средина и крај. Овде ги има сите три“, оценува Ѓоко Здравески.