Збирката поезија „Лирски патувања“ од авторката Сузи Тенева ќе биде промовирана на 30 мај, вторник во Културно информативен центар (КИЦ).
Со почеток во 19 часот, во Салон Империјал 2, промоцијата на поетската збирка ќе биде промовирана од Наташа Аврамовска, а настанот ќе го модерира авторката Јулијана Величковска.
Организаторите истакнуваат дека „Лирски патувања“ е збирка која отвора разни прашања за животот, а стиховите поттикнуваат размисли на теми како што се: љубовта, радоста, растењето и созревањето, важноста на уметноста и убавината, патувањата, умешноста во комуницирањето, моќта на зборовите, себеспознавањето и поимањето на светот околу нас.
„Стихозбирка што се чита долго и бавно, со нужни паузи и со простор секој да се пронајде меѓу редовите и да ги пополни белините со своите размисли и доживувања“, велат од КИЦ.
Сузи Тенева е родена во Скопје. Дипломира на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Магистерските студии ги завршува на истиот институт на темата: „Кантовото разграничување меѓу убавото и возвишеното“. Докторира на Институтот за филозофија на тема: „Гадамеровата херменевтика во естетиката на XX век“. Се занимава со истражувања од областа на естетиката. Автор е на делата: „Кантовото разграничување меѓу убавото и возвишеното“ (Аз-Буки, 2011) и „Мисли и зборови“ (Антолог, 2014).