Промоцијата на збирката илустрации и текстуални минијатури „Матефора – жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески ќе се одржи на 5 февруари во галерија „Метаноја“. На настанот ќе говорат писателот Влада Урошевиќ и писателката Оливера Ќорвезироска, а ќе бидат изложени дигитални графики од циклусот „Метафора“.
„Станува збор за уште еден спој меѓу визуелната и книжевната уметност преку кој Трпески ги поканува читателите во својот креативен универзум. Оваа книга, своевидно продолжение на неговото дебитантско дело ‘Метафора – поглед зад огледалата’, нуди нови психолошки длабочини и надреалистички израз. Слично како својот претходник, ‘Метафора – жито, какол и парчиња стакло’ е збирка од илустрации и поетски минијатури, кои формираат деликатна, симбиотска врска. Во светот на Трпески, пишаниот збор и визуелната слика се впуштаат во тивок дијалог – секој надополнувајќи го другиот без отворено објаснување. Оваа интеракција ги предизвикува читателите да се движат низ слоеви од значење, вовлекувајќи ги во простор каде што свесната мисла се среќава со потсвеста и пошироко“, се вели во соопштението.
Преку колаж-техниката, авторот претставува надреални хибриди – суштества што пркосат на биолошката можност и надреални пејзажи што изгледаат како да лебдат меѓу световите, пишува во најавата.
„Авторот скромно ги изнесува пред нас личните опсервации, не тврдејќи дека се универзално точни; за него, тоа се само сопствени (не)разбирања на она што некогаш во училиште се нарекуваше природа и општество, а денес, можеби попрецизно, светот околу нас. Но, дури и површен поглед на неговиот имагинариум ќе ве убеди во општоста на тие набљудувања, а токму тоа е карактеристика на вистинската уметност: говорејќи од себе, за себе, творецот ни соопштува нешто што го препознаваме како колективно. Алхемијата на претворањето на својата вистина во заедничка (па, ако сакате, и обратно). За да се случи ова, потребно е будно око за да ги набљудува деталите на стварноста – а потоа и креативна сила за набљудуваното да се преточи во слика метафора, во досетка што просветлува“, вели српскиот писател и музичар Марко Шелиќ-Марчело.
Како што е истакнато во соопштението, „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ е покана да се доживеат уметноста и литературата во нивните најчисти, најпровокативни форми. Книгата наскоро ќе биде достапна за продажба во поголемите книжарници и онлајн.
Марко Трпески е визуелен уметник и графички дизајнер од Скопје, со посебен фокус на книжевната илустрација. Добитник е на неколку награди за најдобар дизајн на корица на книга. Предавач е во областа на дигиталната илустрација, основач на креативното студио „Метафора“ и еден од основачите на неформалниот колектив за колаж „Скопје колаж колектив“. За себе вели дека е хобистички трагач и несертифициран, но страстен собирач на метафори.
[Интервју] Skopje Collage Collective: Што и да се случи, ќе го исецкаме и залепиме заедно