Со почеток од 19 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) вечерва ќе се одржи промоција на збирката поезија „Вечна трага“ на Мила Михајловиќ.
Од МКЦ велат дека „Вечна трага“ е збирка љубовна, современа поезија, пишувана во модерен поетски манир.
„Го карактеризира експресивна слобода во баланс со сентименталните лирски гравури, настанати како последица на уметничката идеализација на чувствата што ја инспирираат оваа книга. Таа е синоним за литерарно отелотворување креирано поради невозвратена љубов, која всушност е примарниот книжевен мотив на овој ракопис“, стои во најавата за настанот.
„Поезијата прави неприкосновена и крајно револуционерна дескрипција на своите емоции на еден иновативен начин, но и покрај тоа се придржува на ренесансни книжевни начела, со што создава совршен вонвременски спој на различни хронолошки наративи. Поезијата на оваа млада авторка ја красат разнолични стилски фигури од кои јасно се забележува одличната дарба на Мила Михајловиќ. Нејзината поезија е современа, но нејзината емоција е инхерентно чиста, излегува од длабочините на нејзината душа и тоа е она што ја прави толку посебна“, додаваат од МКЦ.
Мила Михајловиќ е млада српска поетеса од Косово, која за збирката „Вечна трага“ е добитник на наградата „Пегаз“ за 2020 година, што ја доделува Књижевна омладина Србије.