Промоцијата на збирката раскази „Еврејска работа“ ќе го донесе полскиот писател Миколај Гринберг во Буква. Овој четврток, на 18 август, во кафе-книжарницата „Буква“, а книгата ќе ја промовира писателката Лидија Димковска.
Преводот од полски на македонски јазик е на Лидија Танушевска, а од издавачката куќа „Или-или“ објаснуваат дека книгата имала одличен прием во матичната земја.
„Овие мали проникливи прози истовремено се трогателни и вознемирувачки. Доколку дијагнозата е точна, имаме голем проблем во Полска“, пишува за делото нобеловска Олга Токарчук.
Од издавачката куќа „Или-или“ велат дека збирката ја сочинуваат кратки, трогателни приказни за полските Евреи, нудејќи панорама на еврејското искуство во современа Полска.
„Иако приказните се фикционализирани, секоја од нив содржи прстен на вистината. Книгата е составена од кратки монолози, во кои карактерите се Евреи, Христијани, атеисти, од сите средини и сфери на животот. Секоја од приказните е трогателна и интензивно лична, претворена во кристална проза. Во овој клучен момент за еврејскиот живот во Полска и во целиот западен свет, со будењето на старите духови на антисемитизмот кои повторно се појавуваат во јавната дебата, и каде слободата на говорот е под закана, се издвојува чистиот и разумен глас на Гринберг“, дополнуваат оттаму.
Миколај Гринберг (1966) е фотограф, писател и обучен психолог. Неговата книжевна работа се фокусира врз усните истории на различни генерации полски Евреи во втората половина од дваесеттиот век. Објавил три збирки со „разговори“ базирани врз овие лични (и)стории: „Преживеаните од 20 век“ (2012), „Го обвинувам Аушвиц: Семејни приказни“ (2014) и „Книгата на егзодусот“ (2018).