Во четврток (14 март) во Културно-информативниот центар (КИЦ) ќе се одржи промоција на збирката раскази „Петкамен“ од Нина Насеска.
Промоцијата ќе започне во 19 часот во галеријата „Империјал 2“.
„Во своето првенче, збирката раскази „Петкамен“, Нина Насеска ги штити од заборав сите ликови од соседството на кои свикнуваме и ги доживуваме за некако свои и блиски особено тогаш кога нивното отсуство станува повидливо од нивното присуство. Нивните животни приказни и нивните тајни остануваат недообзнанети, закопани заедно со нив. Многу од овие раскази се налик филмовите без конечен крај на приказната, токму како што е и во реалноста. Нина ни прикажува само куси извадоци од животот на нејзините јунаци, некои од нив се и антихерои што се чини дека не се главни ликови ниту во сопствената приказна, маргинализирани, осамени, напуштени, ретко среќни, па прават да се замислиме за сопствениот живот и за нашите односи со луѓето околу нас“, вели Јулијана Величковска за збирката раскази.
Насеска студира на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на збирката поезија и проза „Мозаик од доживувања“ (2014), романот за деца „Авантурите на Ела Вилсон“ (2018) и најновото дело „Петкамен“, збрка раскази (2023). Има учествувано на неколку литературни читања, добитник е на повеќе книжевни награди и признанија, а нејзини раскази се објавени во списанијата „Современост“, „Стремеж“ и „Репер“.