Во четврток (5 декември) во Културно – информативниот центар – Скопје ќе се промовира книгата „Алхемија на 21 век“, од Душко Крстевски. Книгата е издадена од издавачката куќа „Антолог“, а промоцијата ќе се одржи во Салон 19:19, почеток во 19:19 часот.
Поетската збирка „Алхемија на 21 век“ од Душко Крстевски прикажува еден нов динамичен начин на согледување на скопското урбано секојдневие, но исто така во песните од оваа збирка провејува и еден суптилен еротизам често пати збогатен со блага доза на иронија.
Книгата ќе ја промовираат Весна Мојсова-Чепишевска и Лидија Капушевска-Дракулевска, а стихови од книгата ќе чита Кирил Мечалов.
Душко Крстевски е роден 1981 година. Дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет во Скопје. Пишува поезија, есеи и музичка критика. Дел од неговото творештво е објавено во периодичните книжевни списанија и на интернет-порталите, а работел и како уредник во неколку издавачки куќи.
Учествувал на меѓународниот поетски фестивал СВП, а преведува од бугарски и хрватски јазик.