Новиот роман „Запалка“ од Натали Спасова ќе биде промовиран вечерва во 20 часот во Галеријата на МКЦ.
Во романот раскажувачи се различни ликови, па дури и еден предмет, запалката која е врската помеѓу сите раскази кои можат да се читаат одделно, самостојно, но заедно споени ја доловуваат поентата на романот – како животот ги менува луѓето и како луѓето го менуваат животот. Така, за едни среќа е скитничкиот живот, за други самотијата, а за некои дури и смртта.
„Запалка“ спојува неколку животни приказни на сосема обични луѓе, оние кои секојдневно ги одминуваме на автобуските станици или во редовите на супермаркетите.
Натали Спасова е родена 1989 година во Скопје. Магистер е на Факултетот за туризам во Скопје. Својата дебитантска книга „Прва љубов во Розевата улица“ ја има објавено во 2006, доживеа три изданија, застапена е во посебна едиција на руски јазик- „Десет романи на 21 век“, преведена е и на украински.
Авторката е добитник на трета награда на меѓународниот фестивал на поезија и кратки приказни „Жарко Аќимовиќ“ во Нови Сад.