Видеоинсталација „Граѓани“ од ликовната авторка Тања Балаќ, која дава поглед на општествено- ангажираната уметност во јавниот простор, вечерва ќе биде прикажана на плоштадот „Македонија“.
Настанот е закажан во 19 часот, а станува збор за видео – инсталација која трае 4,5 минути, а во која авторката го отвора прашањето дали скринот како симбол на потрошувачкото општество и ширење на маркетиншки пораки може воедно да биде и средство за уметничко изразување.
Во инсталацијата се прикажани галерија ликови, 65 граѓани, од различна возрасна, социјална, верска, полова структура, како документ на едно време.
„Станува збор за луѓето со кои секојдневно се сретнуваме, комуницираме, разминуваме, одбегнуваме, а за кои ништо не знаеме, или можеби немаме време да дознаеме?Но, сепак, преку нивните ликови правиме обид да ја насетиме нивната интима и длабоки чувства, она што во последно време „најмалку не интересира“, со еден збор, да допреме до човекот“, стои во соопштението за настанот.
Ова е само првиот дел од проектот „Граѓани“, како најава за останатите кои ќе се реализираат во наредниот период.