Симболично наречен „Кико“ денеска беше промовиран аудио читачот кој на слепите и лицата со оштетен вид ќе им овозможи пишаниот текст да го слушаат во аудио верзија
Апликацијата е бесплатна и достапна на македонски јазик, а во тек е изработка и на неговата албанска верзија, која ќе биде наречена „Хана“, која треба да биде достапна за неколку месеци. Пристапот до апликацијата е едноставен. Доволно е да се пристапи на „Google Play Store“ и да се симне апликацијата „RHVoice“. Откако ќе се инсталира оваа апликација потребно е да се одбере „македонски“ на листата со јазици, веднаш до називот „Кико“.
На промоцијата на оваа нова дигитална алатка, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, посочи дека оваа апликација ќе им биде од помош во секојдневието на преку 3.000 лица со оштетен вид во земјава.
„Оваа апликација, која е лесно применлива за сите возрасти, користејќи го системот претворање „слика или текст во глас“, ќе овозможи непречена комуникација, непречено движење и целосно вклучување во општеството и достоинствен живот на нашите сограѓани. Исклучително е значајно што со апликацијата Аудио читач „Кико“, лицата со оштетен вид за прв пат добиваат функционална, современа и соодветна алатка, која во секојдневниот живот ќе им помага и овозможува поголема самостојност и тоа во сите сфери“, истакна Заев.
Премиерот Заев потенцираше дека Владата целосно ја презела обврската, како членка на Обединетите Нации, да работи постојано на имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, а ја повика бизнис заедницата, особено телекомуникациските компании, да изработуваат говорна поддршка за што е можно повеќе услуги.
„Апликацијата „Кико“, може да послужи како основа, односно како база, врз која може да се надградуваат други програми, со чија помош, на лицата со попреченост ќе им се овозможи еднакво да учествуваат во градењето на едно здраво и напредно општество и на социјален и на економски план. Да работиме заедно, уште повеќе за надминување и на најмалите бариери во насока на обезбедување еднаков пристап до образование, вработување, здравствен, социјален и културен живот на еднаква основа, за сите граѓани на нашата земја“, подвлече премиерот Заев.
Претседателот на Сојузот на слепи лица Жарко Селковски, рече дека алатката е од големо значење бидејќи самостојно слепите лица може да работат, читаат, да праќаат мејлови и слично.
„Ова помагало е бесплатно, прво од овој вид, брзо, јасно и чисто. Горд сум што секаде на моите колеги ќе кажуваме дека имаме говорна програма“, рече Селковски.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, објасни дека апликацијата, освен лицата со оштетен вид, може да ја користат и лицата со тешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро или полесно ги разбираат во аудио формат.
Дигиталната апликација-аудио читач е креирана на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите Нации, и во партнерство со Националниот сојуз на слепи лица.