Денес беше промовиран проектот за комплексот „Планет“ во Сарај, нова елитна населба која ќе се простира помеѓу реките Вардар и Треска, а ќе биде во близина на езерото Треска. Комплексот „Планет“ ќе биде на површина од 15 хектари, а негови рамки е предвидена изградба на елитна населба со вили, паркови, спортски игралишта и центри, градинки, ресторани, маркети, фитнес и спа-центри.
На промоцијата присуствуваа инвеститорите Валдета Касапи, Самет Мисими и Џемил Шабани, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, пратеникот и претседател на ДУИ, Али Ахмети, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
„Ова е првата населба во Скопје која нуди поинаков концепт на живеење и првата елитна населба од овој вид која се гради како резултат на вашата упорност и визија. Навистина ми е драго што успеавте да препознаете дека политиките кои ги креираше Градот Скопје во изминативе 3 години, пред се, за рамномерен развој на сите делови од градот, помогнаа во вашата одлука да инвестирате во овој проект“, изјави градоначалникот Шилегов на промоцијата.
Тој додаде дека комплексот ќе биде вистински пример за успешен проект кој може да се реализира преку соработка на приватниот сектор, државните институции и локалните самоуправи.