Во недела, на 9 јуни во просториите на музичкото училиште „Тодор Скаловски Тетоец“ се одржа промоцијата на краткометражниот филм „Драг дневнику“, целосно изработен од страна на медиа/арт клубот на Младинскиот образовен форум во Тетово.
Краткометражниот филм ја опишува реалноста и проблемите со кои се соочуваат средношколците и со сите нивни проблеми, како од ученички аспект (лоши услови во училиштата, незаинтересирани професори, неразбирање од страна на училишната управа, мито), така и од младински аспект (слаб ноќен живот, непостоење на кино и театарски објект, непостоечки културен живот). Сите овие проблеми се споени во речиси 11-минутен видеозапис, според сценарио на Стефан Серафимоски и режија на Горан Томиќ, членови на Медиа/Арт клубот при МОФ Тетово.
По краткометражниот филм следеше дискусија за темите кои филмот ги има опфатено. Во дискусијата беа вклучени речиси сите присутни и секој ги сподели своите искуства, како резултат на препознавање на своите проблеми во самиот филм.
„Ова е краток филм кој не покажува ништо друго, освен реалноста и проблемите кои младите навистина ги имаат. Ова покажува дека сите, без разлика на националната или религиска бариера, имаат исти проблеми и се наоѓаат во иста каша. Сепак, треба да се знае дека со заедничко делување постои надеж овие проблеми да се решат или пак сведат на минимум“ – изјави Перо Сарџоски, директор за настава во училиштето за англиски јазик „Пегасус“.
Тој нагласи и дека преку разговорите со своите ученици, од кои голем дел се занимаваат со активизам или креативна работа, дознал за медиа/арт клубот во Тетово и по запознавањето со дел од продуктите на клубот, гледа потенцијал за понатамошно усовршување на неговите членови на професионално ниво.
„Овој филм навистина реално ги покажува сите тешкотии низ кој дури и јас поминав додека да станам ова што сум сега. Знам дека борбата не е лесна и воопшто не е готова, но секој нов ден е нова борба и тоа само ни ја тестира нашата издржливост и иницијатива да промениме нешто.“ – изјави Арсим Калеци, актер и режисер во Тетовскиот театар.
Краткометражниот филм е реализиран од страна на членови на медиа/арт клубот во Тетово за време од еден месец. Како средство за искажување на своите проблеми, овие млади луѓе го одбраа филмот, кој како медиум нуди најефективно изразување на ставовите кои тие ги имаат.