Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата -РСБСП го промовираше Прирачникот за возачи почетници кои важат за посебно ризична и ранлива група на учесници во сообраќајот.
Прирачникот претставува систематизиран, сликовит потсетник за законските и моралните обврски на секој возач почетник и е изработен во таква форма и содржина што на еден јасен и разбирлив начин ги прикажува „најважните“ правила и прописи кои треба да ги знаат и почитуваат возачите почетници од „Б“ категорија.
Прирачникот е достапен во печатена форма, на македонски и на албански јазик, и во наредниот период ќе биде дистрибуиран до голем број на автошколи, средните училишта, високообразовните институции, итн. Покрај тоа, прирачникот е достапен и во електронска форма на веб страната на РСБСП www.rsbsp.org.mk, така што сите заинтересирани лица имаат слободен пристап за негова употреба.
„Добар возач не се станува со самото полагање на возачкиот испит и со добивањето на возачката дозвола. Возачката дозвола е доказ дека возачот поседува минимум потребни знаења и вештини за да учествува во сообраќајот, а за да се стане добар и безбеден возач, потребно е знаење, едукација и потребни се години на пракса и искуство и токму затоа законот предвидува одредени ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот. Со цел да се овозможи постепено надоградување на знаењата и вештините кај возачите почетници и нивно постепено и безбедно интегрирање во сложениот и динамичен сообраќаен систем РСБСП изработи стручна литература- „Прирачник за возачи почетници“, истакна Гордана Кожуваровска, Претседател на РСБСП на денешниот настан по повод промоција на прирачникот.