Планинарскиот клуб „Љуботен” од Тетово, кој годинава прославува 90 години од своето постоење, вчеравечер ја промовираше апликацијата за мобилни телефони „Exploring Shar Mountain“, која на корисниците ќе им помогне да ги истражат убавините на нашата најголема планина, Шара.
Станува збор за прва апликација за мобилни уреди од ваков тип во Македонија, кој ПК „Љуботен” и Македонското еколошко друштво од Скопје ја изработија за потребите на планинарите, рекреативците кои се движат на планина и туристите кои ја посетуваат Шар Планина.
Апликацијата, поврзувајќи се со мобилниот уред преку ГПС, им нуди на корисниците водич низ најатрактивните места на Шар Планина: преубавите глацијални езера и водопади, десетиците врвови високи над 2.000 метри и дванаесетте најубави патеки за планинарење.