Нова лабораторија за мерење на квалитетот на мазутот, беше промовирана во рамки на Бирото за метрологиј,а. Од Министерството за економија соопштуваат дека опремувањето на лабораторијата чини 24 милиони денари.
Лабораторијата е опремена со автоматизирана опрема со седум мерни инструменти и екипирана е со стручен кадар обучен за тестирање на повеќе од 10 параметри на мазутот. Резултатите од анализите ќе се добиваат во кус временски период и во промет ќе се пуштаат само горива со проверен квалитет, истакна министерот за економија, Бектеши.
Лабораторијата беше промовирана од страна на министерот за економија Кресник Бектеши, директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи и директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска.
„Резултатот од една повеќемесечна посветена работа е оваа лабораторија, опремена со комплетно автоматизирана мерна опрема, со нови мерни инструменти, на кои ќе се тестираат мостри од мазут, земени од терен. Ова е мерна опрема, со која целосно се задоволуваат барањата на стандардот МКС Б.Х2.430, за тестирање на квалитетот на маслата за горење. Несомнено, оваа лабораторија редовно ќе ги следи барањата на европските и меѓународните стандарди и прописи и редовно ќе учествува во меѓулабораториските испитувања рамо до рамо со европските лаборатории,“ изјави Бектеши.
Мустафаи сподели дека лабораторијата е опремена со автоматизирана мерна опрема, 7 нови мерни инструменти, со кои ќе се тестира квалитетот на мазутот, и е екипирана со стручен кадар, обучен за тестирање на повеќе од 10-сет параметри на мазутот.
„Тоа се светски признати методи за тестирање, засновани на ASTM, ISO и EN стандардите, усвоени од Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, со кои ќе може да се одреди содржината на сулфур, кокс, пепел, вода и механички примеси во мазутот, но и други квалитативни својства на маслата за горење, пуштени во промет на домашниот пазар (дестилација, густина, точка на палење, кинематички вискозитет, точка на течење и топлинска моќ)“, додаде таа.
Симеска Димоска истакна дека со оваа набавка на новата лабараторија за анализа на квалитетот на мазутот ќе се овозможат еднакви услови за работа на сите економски оператори и ќе се регулира незаконското работење, пред сè во делот на контрола на безбедност на производите и контрола на квалитетот на производите кои што се пуштаат на пазарот.
„Постојано вршиме контрола на мазутот при увоз во државата заедно со Царинската управа и исто така во периодот кога имаме земено мостри, во два случаја имаме пронајдено дека не соодветствува со квалитетот и преземени се соодветни мерки, меѓутоа во последниот период сите анализи што ги земаме покажуваат дека мазутот е со соодветен квалитет. Во наредниот период со новата лабараторија ќе можеме резултатите од земените мостри да ги добиеме во најкус можен рок“, нагласи таа.
Инаку, проблемот со контролирањето и испитувањето на мазутот во земјава се актуелизираше откако ИРЛ ја објави сторијата „Заговор против воздухот“.
Наводите покажаа дека опасно масло кое смее да се користи само од бродови на отворени води и од термоелектрани, и кое во Европската Унија е забрането во урбани средини, во земјава завршувало како мазут кој се користел од бројни државни институции за греење, но и од приватни компании. Сторијата предизвика огромни реакции во јавноста, во фокусот беа конфузните регулативи и минимални контрол, а претставуваше и повод Владата да задолжи повеќе институции и инспекторати да се зафатат со работа и да ги истражат овие наводи.