Со цел полесен пристап и транспарентност во работењето на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство, со помош и поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје изработена е веб страница, која ќе служи како основа за промовирање на правото на надоместок меѓу жртвите, институциите и јавноста.
Како што соопшти Министерството за правда, веб страницата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство е достапна на следниот линк: www.komisijazanadomestoknazrtvi.mk.
„Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство е новоформиран независен правен субјект кој одлучува за правото на паричен надоместок и за определување на видот и висината на паричниот надоместок на жртвите од кривично дело со насилство“, велат од ресорното министерство.
Од таму посочуваат дека е формирана е согласно Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, чија цел е да се обезбеди паричен надоместок за жртвите, како помош од страна на државата, согласно со начелото на општествена солидарност. Исто така, да се спречи секундарна виктимизација како дополнително страдање што жртвите можат да го претрпат од односот на надлежните органи.
„Во изминатиот период, Комисијата постигна значителен напредок, вклучувајќи го правниот легитимитет за постапување како независно тело усвојувајќи го Деловникот за работа и процедурата за поднесување барања за паричен надоместок, што претставува важен чекор кон олеснување на пристапот до правда на жртвите од кривично дело со насилство“, се посочува во соопштението.
На самиот сајт, стои дека „кривичното дело со насилство може да биде поврзано со родово-базирано насилство врз жените и семејно насилство, кривично дело со кое се повредува половиот интегритет, кривично дело поврзано со засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос, трговија со луѓе и трговија со дете“.
Исто така, дека може да биде и друго кривично дело со кое со општоопасно дејство, орудие или средство се доведува во опасност животот или имотот на лицето, што предизвикало смрт или тешки телесни повреди или тешко нарушување на физичкото или психичкото здравје на едно или повеќе лица.
Како предуслов за да се оствари право на паричен надоместок е кривичното дело да е евидентиранo или пријавено во полициска станица или во јавното обвинителство.
„На ваше барање, или на барање на вашиот родител/старател или полномошник, полицијата или јавното обвинителство се должни да ви издадат соодветно известување, записник за примање пријава, службена белешка или потврда дека делото е пријавено или евидентирано како кривично дело. Имате право на паричен надоместок без оглед дали сторителот на кривичното дело е познат и без оглед дали против сторителот на кривичното дело e поведена кривична постапка, или, пак, постојат фактички или правни пречки за водење кривична постапка“, стои како информација на сајтот.