Министерката за животна средина Каја Шукова, за актуелното прашање за изградба на ХЕЦ Чебрен, денеска информираше дека заклучно со 31 декември од избраниот понудувач не е пристигнато продолжување на банкарската гаранција, со тоа понудата станува неактивна и следува поништување на постапката.
Според Шукова, компанијата во овие услови не обезбеди средства од банките за да можат да го градат. Банкарската гаранција од 1,4 милиони евра од Архиродон нема да се активира.
ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ Чебрен. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот.
Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември 2023 година заради жалбената постапка која беше во тек.
Владата на 14 септември на 185-тата седница донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро. По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае седум години.
Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетски проект Чебрен почнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.
Инаку, Шукова на денешниот брифинг со новинарите зборуваше за повеќе инфрастрктурни проекти, пред се’ за воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад, при што, како што рече, Источниот и Североисточниот регион се во најнапредна фаза и се очекува во најскоро време објавување на тендер.
Во делот на водите се осврна на управувањето со речните сливови и реализацијата на 50-те милиони евра заем обезбеден од Европската инвестициона банка распределени по сите општини во државата. Средствата, како што потенцираше, се наменети за подобрување на инфраструктурата за води за собирање и третман на отпадни води, водоснабдување, изградба на филтер станици, намалување на загуби на вода во зависност од приоритетите на општините.
Министерката Шукова рече дека тендерот за изградба на пречистителна станица во Тетово е веќе објавен во декември 2023, а во фаза на подготовка е тендерот за станицата во Битола. Во однос на пречистителната станица во Скопје, Шукова нагласи дека веќе е направена авансна исплата со што изведувачот може да започне со работа.
Во делот на заштита на природата, како што информираше министерката, започната е нова иницијатива за заштита на Јабланица, во тек е процесот на ревалоризација на природните вредности на Маврово, а МЖСПП за прв пат годинава ќе пристапи кон директно финасирање на сите четири национални парка за да се унапреди нивната работата и да се обезбеди потребната инфраструктура што ќе им овозможи да работат со екосистемски услуги и сечата на дрва да не биде главен извор на приходи.
Новитет се и размислувањата за прогласување на гео-паркови во државата и реализирање на иницијатива за прогласување на гео-парк во близина на Демир Капија.
Во делот на заштита на воздухот, Шукова се осврна на проектот финансиран од ЕУ фондовите наменет за справување со аерозагадувањето на четири града: Скопје, Битола, Куманово и Тетово, во рамки на кој е планирана замена на системите за затоплување со еколошки системи во 70-етина јавни објекти, набавка на еколошки автобуси за Скопје и зголемување на зелените површини.
Во однос на справување со историските еколошки жешки точки, таа рече дека продолжува работата за отстранување на линданот од Охис, а за останатите се размислува за преземање на заштитни мерки.