Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска соопшти дека просечната цената за електрична енергија за 98.8% од домаќинствата ќе се зголеми во просек за 7.4 отсто.
Од РКЕ посочија дека новите цени за универзалниот снабдувач „ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје“, кои ќе бидат на сила од 1 јули година се димензионирани скалесто по блокови. Па така, појаснуваат дека тие кои трошат помалку електрична енергија ќе плаќаат пониска цена, за разлика од оние кои имаат поголема потрошувачка, кои ќе плаќаат поскапа електрична енергија.
„Без блок тарифите, цената на електричната енергија ќе се зголемеше за сите домаќинства за 17.74%, наместо за сегашните 7.4% за 98.8% од домаќинствата. Со оваа реформа на тарифниот систем се штитат најранливите категории“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Од регулаторна посочуваат дека во зависност од блоковите, на зима 59.9% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6.6%, додека 35.5% ќе имаат зголемени сметки од 6.6% до 8.8%. Потоа, 3.4% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8.8% до 11.2% и само 1.2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11.4% до 99.5%.
„Во летниот период во зависност од блоковите, 77.2% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6.7 %, додека 21.8% ќе имаат зголемени сметки од 6.7% до 8.8%. Само 0.7% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8.8% до 11.3% и 0.2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11.4% до 100%“, додаваат од РКЕ.