Просечната нето плата во ноември била 42 илјади денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември била 41.999 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според податоците, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во ноември 2024 година, во однос на ноември 2023 година, изнесува 109.5.

Ваквото зголемување, како што велат од ДЗС се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите  уметност, забава и рекреација (15.3%), транспорт и складирање (12.7%) и преработувачка индустрија (11.2%).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец е забележано во секторите рударство и вадење на камен (8%), дејности во врска со недвижен имот (5.9%) и земјоделство, шумарство и рибарство (2.6%).

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, пак, во ноември 2024 година, изнесува 63.154 денари.