Во Македонија недостигаат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се просечно стари по 27 години. Слично е и кај амбулантните возила кои ги имаме 263, просечно стари по 12 години, а само 30 од новонабавените вакви возила се нови, додека другите се купени „на старо“.
Ова се резултатите од новото истражување и бази на податоци на сите амбулантни возила и возила за противпожарна заштита, како и за бројот на пожарникари во сите 34 единици во земјава кои ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Нивното истражување покажа дека помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.
Во овој поглед најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и четири општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.
Во поглед на противпожарните возила, 34-те противпожарни единици во земјава вкупно имаат 284 возила со просечна старост од 27 години. Точно половина од вкупно 284-те противпожарни возила се постари од 30 години, додека само 15 % од возилата се стари до 10 години.
Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане која има две возила, просечно стари 39 години. Следна, со просечно стари возила од 38 години е противпожарната едница во Кратово. 36 години просечна старост имаа возилата на валандовската противпожарна едница, а возилата на Крива Паланка се просечно стари 35 години.
Спротивно, најнов возен парк во земјава имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години. Следните две единици, чии возила се просечно стари по 21 година се Берово и Демир Хисар, по кој следува Прилеп со просечна старост на возилата од 22 години.
Најстаро противпожарно возило во земјава има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. По ТАМ-от на Валандово следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.
Во поглед на амбулантните и санитетските возила на здравствените установи, истражувањето покажа дека во земјава има вкупно 263 вакви возила со просечна старост од 12 години.
Најстарото возило – Мерцедес од 1988 година, го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово.
Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра. Најскапо купени воопшто вакви возила во земјава се двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра.
Дури 73% од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22% од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства.
Споредбата со истото вакво истражување, но пред четири години, покажува неколку разлики. Прво, за разлика од пред четири години кога само 47 здравствени установи пријавија дека имаат амбулантни возила, сега бројот на институции со вакви возила изнесува 58, што значи 11 дополнителни институции. Соодветно на тоа, има пораст и кај бројот на амбулантни и санитетски возила. Ако во 2019 година овој број изнесувал 183 возила, сега бројката е 263, односно плус 80 возила. Постои разлика и во староста на овие возила. Пред четири години нивната просечна старост изнесувала 11 години, сега тие се за една година постари, односно просечно се стари 12 години. Сепак, од новостекнатите 80 возила, само 30 се нови, односно произведени во последните три години, додека другите се повторно стари возила.
Повеќе информации за противпожарните возила може да најдете на следниов ЛИНК, а за амбулантните возила на следниов ЛИНК.