Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје го распишуваат конкурсот за наградата „Македонска книжевна авангарда“ за најдобрата објавена книга од млад македонски автор во 2013 година.
За наградата може да конкурираат автори на возраст до 35 години од областите: поезија, проза, критика, есеј, драма чие дело е најавангардно, односно најспецифично, најоригинално и најквалитетно (највредно).
Авторите не можат самите да се предлагаат, а предлозите треба да се испраќаат на мејл: feniksmk@hotmail.com заклучно до 15 јануари 2014.
Од „Феникс“ информираат дека интересот за Конкурсот е голем, објави Соoltura. Поради тоа што самите автори не можат да се предлагаат за наградата, туку треба да чекаат друг нив да ги предложи, организаторите одлучиле да распишат и Конкурс за наградата „Македонска книжевна авангарда“ на кој ќе можат да учествуваат сите заинтересирани автори до 35-годишна возраст кои објавиле книги во 2013 година.
Секој автор може да учествува со едно или повеќе свои новообјавени дела, кои треба да ги достави во по 4 примероци. Примероците не се враќаат, а можат да се достават лично или да се испратат по пошта на адреса на Издавачката куќа Феникс. Рокот за доставување на книгите е до 25 јануари 2014 година.