Американскиот претседател Џо Бајден ги прошири категориите на лица кои подлежат на американски казнени мерки за оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан, поткопување на повоените договори и институции, како и учество во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократското владеење и избегнувањето на санкциите на американската влада, пренесува Радио Слободна Европа.
Меѓу најважните измени се тие дека со санкциите ќе бидат опфатени сопружниците и возрасните деца на санкционирани лица, потоа лидерите или членовите, на владини или деловни субјекти под санкциите, како и оние под чија контрола се санкционираните лица или субјекти.
Во иднина, причина за санкциите ќе биде и обид за учество во корупција, загрозување на стабилноста или нарушување на територијалниот интегритет.
Со оваа извршна наредба, Бајден презеде дополнителни чекори, измени и дополнување на три наредби поврзани со Западен Балкан кои се однесуваат на блокирање на имотот и суспендирање на влезот во САД на лица кои придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан.
Со уредбата од 2021 година е одредено санкциите – блокирање на имотот и суспензија на влезот во САД да важат за лица кои се директно или индиректно одговорни за постапки и политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на области или држави во Западен Балкан, поткопување на демократските процеси или институции, кршење на човековите права или корупција.
Исто така, наведено е дека санкциите се применуваат на лица кои директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или загрозување на спроведувањето на регионалните безбедносни мировни договори или договори за меѓусебно признавање на Западен Балкан.
Тоа ги вклучува Преспанскиот договор, Охридскиот рамковен договор, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Дејтонскиот договор или заклучоците од Советот за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи одлуки или заклучоци на Високиот претставник, Советот за имплементација на мирот или неговиот Управен одбор или Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, односно Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови.