Прослава за 30 години „Канал 103“ во петок во Младинскиот културен центар

Словенечкото инди/пост-панк трио „LELEE“, бендовите „Shock Troopers“, „Lufthansa“, „Светлост“, „Перија“, како и Тодор Караколев и мултимедијалниот уметник од Словенија „Blaž“ во петок ќе настапат на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје на роденденската прослава на култното радио „Канал 103“.

На настанот ќе се одржи и промоција на фото-монографијата на Зденко Петровски насловена „Момент документ“, која претставува сликовница со ликови и настани одржани во Скопје од 2007 до 2020 година.

LELEE е словенечко разиграно инди/пост-панк трио, совршен пример на мултикултурно поврзување меѓу балканските музичари од Вардар (Драгор во случајов) до Триглав. Бендот е составен од Јелена Русјан (Borghesia, TRUS!) – вокал и бас, Македонецот Дамјан Маневски (Rush to Relax, Molokai) – вокал и гитара и словенечкиот тапанар Јан Кмет (balans, Kalu).

„Иако постојат релативно кратко време, брзо се врежаа во свеста на алтернативната јавност преку возбудливиот инди-гитарски звук, придружен со машко-женски вокали на српски и македонски јазик. Дебитантскиот албум, „Čuka bije pumpa“ (Moonlee Records, Ill in the Head Records, 2021) претставува ударно женско-машко повеќегласие на различни јазици кое лесно се всадува во срцата на слушaтелите“, соопштуваат од Канал 103.

SHOCK TROOPERS се скопско/кочанска комбинација формирана во 2007. Свират метализиран crust / hardcore. Зад себе ги имаат албумите „Лешинари“ (CD 2014) и „Глуво Доба“ (LP 2019), како и две европски турнеи и еден куп концерти низ Македонија. Во состав: Иван Јованов, Кирил Манчевски, Виктор Андоновски, Владимир Петковиќ, Драган Теодосиев.

PERIJA е уникатно музичко доживување. Песни испеани на повеќе јазици, отсвирени на инструменти од повеќе традиции (уд, тамбура, бендир и ќемане).

„Музичката инспирација на оваа четворка (Катерина Димитровска, Леа Милиновиќ, Деа Плевнеш, Огнен Златанов) е во балканските традиции под силно влијание на музиката на Ориентот. Сепак, современиот, стилизиран израз ги прави уникатни во нивната мисија да го реконструираат културното минато преку стари песни и приказни за љубовта и страдањето“, се вели во најавата.

СВЕТЛОСТ се Кристијан Новковски, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски. СВЕТЛОСТ се бескомпромисно слободен џез-панк. Како трио издаваат два албуми „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“ (обата 2020 за PMGJAZZ). Нивното дебитантско остварување „Odron Ritual Orchestra“ снимено во проширен 11-член ансамбл е сместено меѓу најдобрите за 2019 од страна на платформата Bandcamp (меѓу другите).

„ТОДОР КАРАКОЛЕВ движи низ повеќе електронски жанрови, ама секогаш движи опасно! Прави силно емотивна, но игрива музика, со секогаш луцидни текстови и суптилен шарм. Поп за XXI век“, велат од Канал 103.

LUFTHANSA се новата надеж на автентичниот македонски рокенрол. Свират и пеат Андреј Димовски, Раде Биковски, Виктор Стојановски, Лука Јованоски, Иво Николовски и Мартин Џорлев. Нивниот настап е концертна промоција на касетата „Demo Tape I“, лимитиран тираж во издание на Стотројка.


BLAŽ е мултимедијален уметник од Изола, Словенија. Музика создава на синтесајзери и ја нарекува strange-hop – по нашки: електроника + минималистички инструментален хип-хоп. Од 2021 настапува со LELEE, и е гостин на нивниот прв официјален сингл „Копнеж“.

Настанот почнува во 18 часот, а според најавите, билетите се во строго ограничен број, достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн преку овој ЛИНК.

„По интимниот концерт на Крсте Роџевски во Куршумли Ан и редовните ‘103 средби низ музика’ во клубот Ла Кања, со овој фестивал се заокружува одбележувањето на големиот јубилеј – 30 години Канал 103. Борбата продолжува“, се вели во најавата на Канал 103.

Организаторите посочуваат дека настанот ќе се реализира согласно актуелните протоколи за организирање настани на отворено.