Студенти на Факултетот за бизнис економија (ФБЕ) денеска напладне излегоа на мирен протест пред просториите на Трудовиот инспекторат кај Општина Центар, каде алармираа дека академската година уште не им е стартувана, откако повеќе нивни професори добија откази. Просветниот инспекторат, пак, попладневно ни испрати одговор дека е направен вонреден инспекциски надзор врз ФБЕ и констатирани се неправилности во факултатот.
„При надзорот согласно нашите законски надлежности утврдено е дека во установата нема доволен број на наставници избрани во наставни звања кои се во работен однос со полно работно време, за реализација на наставната програма за академската 2022/23 година, за реализација на септемвриска испитна сесија во целост од академската 2021/2022 година, како и за усвојување или донесување на акти и материјали за кои одлучува Наставничкиот совет и Директорот во рамките на своите овластувања согласно со одлуките на Наставничкиот совет“, соопштуваат од Просветниот инспекторат.
Од таму посочуваат дека за констатираните неправилности ќе биде известен и министерот за образование и наука „на негово запознавање и понатамошно постапување“.
„Во однос на делот на отказите, од прегледаната документација при надзорот констаирано е дека се работи за престанок на работен однос на лица избрани во звање со Одлука за отказ без отказен рок, поради што истите се веќе препратени до надлежен орган, на нивно запознавање и понатамошно постапување“, се вели во соопштението.
Други надлежен орган за оваа проблематика е Државниот трудов инспекторат (ДТИ). Од таму уште пред десет денови потврдија дека работните односи се во нивна надлежност и дека надзорот трае. Истовремено, студентите што денеска протестираа сметаат дека институциите си играат „пинг-понг“.
„Мора да се реагира брзо, веќе доаѓа ноември за 10 дена, а ние се’ уште го имаме истиот проблем – немаме сесии, немаме испити. Има студенти кои само чекаат да дипломираат, тие мора да го завршат факултетот во просториите на ФБЕ“, рече денеска Марија Михајловска, претставничка на студентите.
Освен кон институциите, таа упати повик и до основачот на факултетот да се појави и каже што се случува.
„Дали студентите ќе го видиме светлото на тунелот? Каков ќе биде епилогот на оваа приказна и дали тој ќе ги заврши обврските према нас, како што ние уредно сите обврски према факултетот во дадениот рок ги завршивме?“, рече Михајлова на протестот.
На прашањето на Радио МОФ зошто тука не се присутни професорите и дали се солидаризираат со нив, Михајловска посочи дека ова е студентска битка, иако за работи за отказни решенија на професорите и дека е убаво ако добиваат нивна поддршка.
„Сакам јавно да замолам да бидат стрпливи дека можеби овојпат институциите ќе не’ слушнат и да не наоѓаат нови работни места. Да не’ почекаат“, порача таа.
Радио МОФ денеска контактираше и со проф. д-р Слаѓана Стојановска, која предава маркетинг менаџмент на Факултетот за бизнис економија. Таа е една од оние што добија отказно решение.
„Некаде на 20 септември добив отказ и тоа за време на боледување. Отказот го добивам со веќе исполнет услов за пензија. Внатре во решението е пишана глупост. Дека не сум сакала да соработувам со пријател на основачот, да давам информации за факултетот. Затоа ми бил отказот?! Прво, не сум директор на овластено лице да му давам информации“, посочува Стојанова, тврдејќи дека пред отказот била под притисок и вознемувања.
„Јас не сум ничија маша, имам свои ставови и одам според закон“, вели таа.
Во однос на можноста факултетот да избере нови професори додека трае целата неизвесна ситуација, Стојанова вели дека само в.д директорката е останата како вработена на ФБЕ, а според Статутот и Законот за високо образование највисоко тело е Наставно-научниот совет.
„Нема сега професори за да може да се одржи состанок. Нема професори за да се направи комисија и нови професори ако се пријават – некој да им се разгледаат рецензиите, да се изгласаат на Наставен совет, за да бидат примени“, забележува Стојанова.
Инаку, в.д. директорката на ФБЕ, Жанина Кировска пред 10-ина денови тврдеше дека отказите се по барање на основачот на факултетот – Фондацијата „Ново образование за бизнис“ и дека ќе следи реорганизација.
„Пронајдени се одредени незаконски функционирања на институцијата. И заради тоа основачот бараше да се превземат соодветни мерки кои што понатаму ќе имаат судска разрешница. Јас како в.д. директор на ФБЕ ги следам насоките. Имам факти со кои што се потврдуваат одлуките кои што се донесени за отказните решенија на колегите“, рече тогаш Кировска во изјава за Телма.
Бојан Шашевски