Повеќе од 60 земји во светот се борат да обезбедат храна од увоз, јавува порталот Политико, повикувајќи се на заклучоците на специјалната работна група на Обединетите нации (ОН), која беше формирана за да се справи со растечката несигурност во обезбедувањето храна по руската инвазија на Украина.
Работната група го фокусираше своето внимание на десетици земји ширум светот, вклучувајќи ги Колумбија, Малави, Пакистан и Мјанмар, според документот во кој имал увид порталот Политико.
Во информацијата за состанокот кои го водеа официјални претставници на ОН на 28 јули се вели дека работната група „продолжува да се фокусира на високите увозни трошоци кои влијаат на платниот биланс во над 60 земји“, како и на предизвиците за безбедноста на храната кои произлегуваат од девалвацијата на девизните курсеви и националните буџети кои се борат да си дозволат „основен увоз“.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја формираше 32-члената Глобална група за одговор на кризи (ГЦРГ) во март, откако Русија во февруари го нападна својот сосед и главен производител на храна – Украина, за да подготви предлог-политики за справување со кризата во енергетиката, финансиите и прехранбениот сектор.
Оттогаш, „мрежата“ на клучни играчи за прашањето со гладот во светот ја советува прехранбената компонента ГЦРГ, која заедно ја предводат Ингер Андерсен, шеф на Програмата за животна средина на ОН и Дејвид Набаро, специјален пратеник за Ковид-19 во Светската здравствена организација.
Документот во кој Политико имаше увид е мејл на Набаро испратен на 4 август во кој се сумира состанокот на 28 јули, истакнувајќи дека учесниците забележале дека „во Сиера Леоне, меѓу посиромашните граѓани се намалува потрошувачката на храна како резултат на зголемувањето на цените и дека за слични ризици се известува од Колумбија, Конго, Чад, Еквадор, Ирак, Кенија, Малави и Мавританија“.
Истовремено, во мејлот се наведува дека „организациите на потрошувачи известуваат дека цените растат побрзо во Пакистан, Мјанмар, Перу, Малави, Бурунди и Нигерија и дека зголемениот број луѓе плаќаат ‘над реалната вредност’ за основните потреби, а приближно 12 влади се поблиску до неисполнување на долгот и многу бараат можности да го отпишат долгот“.
Оваа неформална советодавна група за кризата со храна се состанала 13 пати годинава, но за тоа нема информации на веб-страницата на ОН, пишува Политико, додавајќи дека еден од учесниците на состанокот на 28 јули изјавил дека нема фиксно членство во групата и дека околу 30 до 40 лица биле поканети да присуствуваат на последниот состанок.