Вработени во општинската администрација на Карпош, денеска излегоа на протест да го изразат своето незадоволство и стравот, како што рекоа, од последиците поради недонесувањето на Буџетот на Општина Карпош за 2024 година, по што се појавија повеќе обвинувања и деманти од различни страни.
„Причина за тоа (недонесување на буџетот н.з.) е несовесното и противзаконско работење на дел од членовите на Советот, поточно на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Роберт Вељановски, Марјан Стефановски, Адријана Јакимовска Панчевска, Благица Цветановска, Христо Саракинов и Давор Грче, како и членот на Советот од Независните за Карпош, Невена Георгиевска и претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, претставник на Левица“, рекоа на прес-конференција вработени oд општинската администрација.
Сметаат дека оваа одлука е непромислена и спротивна на уставниот поредок, законските одреби и Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош, со што, рекоа тие, се доведува под знак прашалник целокупното функционирање на локалната самоуправа.
Меѓу другото, тие истакнаа дека може да биде доведено во прашање одржувањето на хигиената на јавните површини, на урбаната опрема, детските игралишта, уличното осветлување, на општинските улици и инфраструктурата… Исто така, на платите на вработените во општината, градинките и училиштата.
„Што значи тоа? Тоа значи дека општината од 1 јануари 2024 година нема основ ниту пак средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во општинските објекти, како и во училиштата и градинките. На тој начин на општинската администрација ќе и биде оневозможено правото на работа и извршување на работните обврски, бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа. Со тоа, општинската администрација не може повеќе да биде сервис на приближно 70.000 жители на општина Карпош. На крајот, јавно се обраќаме до Обвинителството да преземе мерки против незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети предизвикани со неговиот неодговорен однос“, рекоа на прес-конференцијата.
По ова, со своја реакција се јави и градоначалникот Стевчо Јакимовски. Според него, во опасност е доведено давањето услуги на граѓаните во Општина Карпош. Јакомовски ова го окарактеризира како „класично загрозување на локалната власт“.
„Ова е класично загрозување на една власт, а тоа е локалната власт, во конкретниот случај Општина Карпош. Ниту граѓаните, ниту вработените имаат фајде од тоа што некој ќе им каже дека ги разбира и дека нивниот револт е оправдан. Постојат закони кои политиката ја ставиле во одредена рамка и кога на политиката главата ќе и биде премногу усијана и кога ќе прават премногу глупости тогаш настапува законот. За жал никој не го почитува законот и обврската на Советот на општина Карпош, на претседателот на Советот, на 31.12. да донесе или Буџет или да донесе Одлука за времено финансирање. Во конкретниот случај ниту е донесен Буџет, ниту е донесена Одлука за времено финансирање“, рече Јакомовски.
Со тоа, рече тој, се доведени во опасност сите програми на Општина Карпош, што значи дека нема да може да се даде сервис и услуга на граѓаните, да не можат вработените да земат плата.
„Дури и да доаѓаат и да земаат плата, кој е ефектот и ќарот на граѓаните на општина Карпош ако вработените само земаат плата, а не се остваруваат програмите, односно, ако не се поправаат светилките, ако не се поправа урбаната опрема, ако не се решава запушената канализација и сите други потреби што ги имаат граѓаните на Општина Карпош. Имаме сериозен проблем. Не можат да се донесат правни акти кои ќе важат ретроактивно“, посочи Јакимовски.
По протестот на вработените и изјавата на градоначалникот Јакимовски, со соопштение реагираа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош со кое бараат итно свикување на Седница на Советот за донесување одлука за времено финансирање на општината, сѐ до донесувањето на буџетот за 2024 година.
„За пусти пари слугата на СДС, Стевчо Јакимовски, е подготвен на се. Политичкото насилство на деспотот градоначалник и слуга на СДС, Стевче Јакимовски, манифестирано на 37-та и 38-та седница на Советот на Општина Карпош во Новата година трансферираше во насилство, притисок и создавање немир кај вработените во општинската администрација, училиштата и детските градинки“, се вели во реакцијата.
Според нив, манипулациите и заканите дека вработените ќе останат без плати се последниот обид на Јакимовски да изврши притисок врз советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Карпош да го изгласаат буџетот за 2024, а со тоа, како што рекоа, да ги спаси и остави во живот дуповите и урбаната мафија која го разорува Карпош.
„Но, и оваа лага многу скоро ќе биде поразена. Има и постојат законски можности обврските кон вработените да бидат целосно, редовно и навремено исплатени“, додаваат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Советникот од СДСМ Владимир Бислимовски, пак, во својата реакција, рече дека на последната седница на Советот на Општина Карпош, ДПМНЕ и Левица не само што го блокирале донесувањето на Буџетот, туку ја блокирале и одлукаа за времено финансирање.
„Со ова вработените градинките, училиштата, администрацијата во Карпош, вработените кои се грижат да водоводите, хигиената, одржување на локалните институции не може да земат плата. Со што овие луѓе им згрешија на Мицкоски, ДПМНЕ и Левица па вака да ги казнуваат? Затоа е и овој протест денеска на дел од вработените, кои се соочуваат среде празници да бидат без пари, да не можат да си ги платат сметките, да не можат да одвијат за своите деца“, посочи Бислимовски.
Од Независни за Карпош категорично го демантираа обвинувањето за незаконско и несовесно работење кон нивната советничка, Невена Георгиевска, изнесено во име на вработените на општина Карпош. Бараат јавно извинување, во спротивно ќе поднесат тужба за клевета.
„Нашата советничка група не поднела ниту еден амандман на Буџетот на општина Карпош за 2024 година и се залагавме токму за спротивното, за надминување на проблемот помеѓу советничката група на ВМРО-ДПМНЕ (која поднесе скоро 4,000 амандмани на Буџетот, со цел за блокирање на Буџетот), градоначалникот и општинската администрација, само и само да може општината непречено да функционира, да се исплатат платите во целост на сите вработени во општинската администрација, училиштата и градинките, и да не се загрозат договорите на сите привремено вработени. Секое решение од оваа немила ситуација, согласно законите и прописите, го поддржуваме, како и до сега“, стои во реакцијата на Независни за Карпош.
Бојан Шашевски