Со транспаренти „Мое тело – моја одлука“, „Повлечете го законот“, „Дали не прашавте“, неколку стотини граѓани побараа да се стопира носењето на предлог-закон за спречување на бременоста по скратена постапка.
Измените се неприфатливи, повторија претставниците на граѓанските здруженија, се бирократизира целата постапка, а жената се става во подредена улога, со што индиректно и се одзема правото на одлука.
Невладините укажаа и на нелогичностите на здравствениот систем, за кој велат дека дава скапи контрацептивни средства и скап абортус, но затоа пак со новите измени нуди бесплатното советување за предностите од бременоста.
Тие побараа донесување нов закон за прекинување на бременоста, кој ќе биде подобар, а не полош од сегашниот.
Доколку сепак продолжи постапката за донесување на законот во оваа форма и со привидна дебата, тие здруженијата најавија дека ќе започнат со секојдневни протести пред Собранието.
Во исто време додека граѓаните протестираа на улица, внатре во Собрание, собраниската Комисија за здравство расправаше за амандманите на овој предлог закон.
Јасмина Јакимова