По повод една година од палењето на куќата на новинарот Милан Јовановиќ од Гроцка, како и поради стотината напади на новинари во изминатите години во Србија, денеска се одржа протест во Белград во организација на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), пренесува „Н1“.
Претседателот на НУНС, Жељко Бодрожиќ истакна дека поради отсуство на реакции од институциите кои треба да ги заштитат новинарите и нападите од највисоки државни функционери, се создава атмосфера во која професионалните новинари се повлекуваат.
Слободан Георгиев, новинар на „БИРН“ ги повика новинарите во Србија „кога веќе институциите не преземаат ништо“ тие да продолжат да работат на истражувањата за корупцијата и малверзациите во општина Гроцка поради која на Јовановиќ му е запалена куќата, а за што е обвинет поранешниот претседател на општината Драгољуб Симоновиќ.
Георгиев додава дека во Србија има случаеви на напади на новинари кои никогаш не го добиле својот епилог, но, дека ни еден од нив не бил толку јасен како овој случај.
Новинарот Раде Радовановиќ ги повика младите новинари во Србија да се борат за вистината и фактите, и оцени дека моменталната ситуација со медиумите во Србија ќе остане иста, сè додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ е на власт. Тој ја повика јавноста да застане во одбрана на новинарите.
Организаторите се надеваат дека процесот против Симоновиќ, кој е во тек, ќе добие епилог кој го заслужува.
Насобраните граѓани и организаторите на настанот дадоа поддршка и на штрајкувачите од поштата на Србија, кои веќе неколку дена штрајкуваат поради лошите услови за работа, свиркачот од аферата „Крушик“, Александар Обрадовиќ, кој е во куќен притвор, како и на редакцијата на „НИН“.