Вработените од Управата за водење на матични книги за денес најавија протест со почеток од 15 до 17 часот, кој ќе започне пред Собранието на Северна Македонија и ќе продолжи кон Министерството за правда.
Тие втора недела штрајкуваат со барање за поголеми плати, а од Конфедерацијата на синдикалните организации, кои заедно со Независниот синдикат на Управата за водење матични книги го организираат собирот, велат дека протестот е поради незадоволство од надлежните институции кои се одговорни за нивните барања.
Протестот ќе биде со возила, а од Синдикатот најавуваат дека ќе бидат блокирани двата правци на улицата пред Министерството за правда.
Штрајкот на околу 500-тина вработени во Управата за водење матични книги започна на 27 април. Тие бараат донесување на колективен договор на ниво на работодавач, усогласување на платите согласно покачувањата на минималната плата и линеарно покачување на платите на сите вработени во Управата.
Поради штрајкот претходниве денови граѓаните не можат да добиваат изводи од матичната книга на родени, уверенија за слободна брачна состојба, ниту да склучуваат бракови.