Повеќе од 800 велосипедисти вчера во Белград протестираа на велосипедската патека помеѓу Бранков мост и Старо-савски мост, каде е планирано градење на шеталиште, како дел од владиниот проект „Белград на вода“, пренесе ТВ Н1.
Според најавите на градоначалникот Синиша Мали, изградбата требала веќе да започне, но на јавноста се уште не и се достапни плановите, и како ќе изгледа регулирањето на движењето на велосипедистите.
Од здружението „Не да(ви)мо Београд“, соопштија дека е непознато и како во склоп на шеталиштето ќе биде решена сегашната велосипедска патека и стравуваат дека ќе биде оневозможено возењето велосипед, поради големиот број пешаци.
„Велосипедистите испратија барање до градските власти да ги откријат плановите за изградба на шеталиштето. Исто така, бараат во текот на градежните работи да се направи што е можно пократок бајпас низ околните улици со соодветни сообраќајни знаци и пластични бариери, и на шеталиштето да се проектира физички одвоена велосипедска и пешачка патека, како што е сега случајот”, се вели во соопштението.
Протестот беше организиран од страна на белградските здруженија за велосипедизам.
Извор: Н1