Протест пред Управниот суд за конечна одлука за рудникот „Иловица“

Со извици „Рудници не сакаме“ педесетина граѓани и активисти од југоистокот попладнево се собраа пред Управниот суд да побараат конечна одлука за одземање на концесијата на рудникот „Иловица“.

Граѓаните на собирот изразија сомнеж дека одолговлекувањето на одземањето на концесијата е обид да се изигра законот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

„Овде сме да испратиме порака до судиите од Управниот суд и Вишиот управен суд да престанат да си играат пинг-понг со одлуките со кои одземената концесија на „Еуромакс Рисорсис“ живурка и се одржува во живот на апарати. Концесионерот веќе ангажирал две фирми во Бугарија за да ја решаваат состојбата со статусот на концесијата во Македонија. Многу самоуверено почнал да купува машини и визионерски да најавува некаков почеток, а во меѓувреме во финансиските извештаи во Канада прикажал донации во Македонија од над 600.000 долари. Факт е дека такви донации овде не се дадени на населението, па останува прашањето каде се донирани овие пари. Зошто некој нормален да донира толкава сума на пари и купува машини, а во исто време му е одземена концесијата. Такво нешто може да прави само некој кој очекува судот да му ја врати концесијата. Затоа денес дојдовме овде да ви кажеме да престанете со пинг-понгот и да пресечете во корист на законот и на народот“, рече активистот Стојан Велков од „Здрава Котлина“.

На почетокот на месецов Управниот суд ја отфрли тужбата на компанијата „Еуромакс ресурцес“ и ја потврди одлуката на Владата да им се одземе концесијата за рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Судот одлучувал во октомври, откако претходно Вишиот управен суд ја врати постапката назад. Управниот суд тужбата на канадската компанија ја отфрлил како неоснована, по што „Еуромакс“ во ноември поднела нова жалба до Вишиот управен суд.

Од Управниот суд граѓаните потоа маршираа и низ центарот на Скопје.

Велков додаде дека граѓаните веќе јасно кажале на локалните референдуми дека не сакаат рудници во струмичката котлина, потенцирајќи дека нема да се откажат од нивните барања да нема рудници во нивните живеалишта.

М.К.