Како што го пуштивте, така да го вратите Никола Груевски, порачаа група граѓани кои вечерва се собраа на протест пред Влада, револтирани од вчерашното бегство во Будимпешта на довчерашниот премиер, осуден на затворска казна.
Присутните побараа и итна оставка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и притвор за Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК и братучед на Груевски.
„Не се боревме за луѓе да седнат во фотељи, а правдата да не биде исполнета. Затоа некој мора да сноси одговорност. Министерот Спасовски, дури и да нема политичка одговорност, а има, има морална одговорност да си поднесе оставка бидејќи дозволија да избегаат. Или се неспособни (Груевски) да го задржат во земјава, човек кој е осуден на затворска казна, или му овозможиле да избега од земјава“, порача пред присутните Здравко Савевски од „Левица“.
Актерката и активистка, Ирена Ристиќ пак истакна дека е револтирана од последните случувања и однесувањето на сегашната Влада.
„Барам од оваа власт да ни го врати Никола Груевски, како што ни го вети, зад решетки. Вратете го, да лежи. Ве молам да се станете сериозни и да почнете да си ја бркате работата, онака како што ветивте. Во спротивно, знаете какви сме!“, истакна Ристиќ и најави дека чекаат да се исполнат сите ветувања дадени од Владата.
На премиерот Зоран Заев, пред железната капија на Владата, му ја оставија сликата на Груевски со порака „Вратете го!!!“