Помина еден месец од несреќата на железничката станица во Нови Сад, кога при падот на настрешницата загинаа 15 лица, а двајца од повредените се’ уште се во болница. По овој повод, вчера, 1 декември, се одржа протестна прошетка од Железничката станица до плоштадот Слобода. Насобраните граѓани 15 пати застануваа на патот кон Градското собрание и со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите. На протестот, кој започна во 11:52 часот во близина на железничката станица, тие побараа отворање на сите тајни договори и разрешување на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ и премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, пренесува Н1.
Протестот беше најавен како мирен, а еден од организаторите рече дека колоната ќе застане на 15 места во спомен на 15-те жртви во трагедијата. Организаторите побараа толпата да се движи во тишина и најавија дека на сигналот на сирената сите ќе застанат да им оддадат почит на сите жртви.
Исто така, организаторите ги предупредија насобраните дека во близина на партиските простории на булеварот Ослободување веќе се собираат симпатизери на Српската напредна странка (СНС), како и дека Градското собрание е преполно со полиција. Тие побараа граѓаните да го обојат само плоштадот, без да го допираат Градското собрание.
View this post on Instagram
Граѓаните и активистите кои на вчерашниот протест маршираа од Железничката станица до плоштадот Слобода го бојадисаа бетонот на плоштадот, исцртаа „крвави раце“, оставија пораки упатени до надлежните и повикаа на одговорност за несреќата и падот на настрешницата.
View this post on Instagram
Организаторите, воедно, ги поканија граѓаните да дојдат во вторник во 11:52 часот во Градското собрание на Нови Сад каде ќе се одржи седница на чиј дневен ред може да биде разрешен градоначалникот Ѓуриќ.