Пред Кривичнот суд Скопје во петок од 10 до 11 часот ќе се одржи протест. Најавата за протестот се шири по социјалните мрежи, а организатор е Леонид Даов, повреденото момче во сообраќајката кај „Сити Мол“, каде загина 24-годишната Викторија Николова.
„Викторија и Леонид не ја добија пресудата која е правична и праведна! Немаме владение на правото, немаме спокој на душите! Имаме граѓанско право да го кренеме својот глас и за Викторија, но и за сите жртви на сообраќајно насилство и неправедно пресуди! Да ја разбудиме свеста, да бидеме гласот на покојните и гласот на жртвите! Да кажеме стоп на лошите пресуди и стоп. На 15.04.2022 (петок) од 10 до 11 часот Ве повикувам пред Основен Кривичен Суд Скопје да го искажеме нашиот револт и да го запреме крварењето по улиците и пешачките премини ширум државата“, се вели во најавата за протестот.
Инаку, за трагичната сообраќајка кај „Сити Мол“ тригодишна затворска казна доби возачот Јордан Ѓорѓиев, кој доби и забрана за управување со моторно возило во следните три години, откако пресудата биде правосилна. Тој ќе остане во притвор до правосилноста на пресудата.
Семејството на Николова најавија жалба преку Јавното обвинителство. Адвокатот Владимир Михајлов, во својство на правен застапник на Николова, истакна дека „ваква казна од три години за вакво дело со смртни последици е премногу несериозна за премногу сериозно дело“, дополнувајќи дека се надеваат на Апелациониот суд ќе биде многу посериозен по дадената жалбата на Обвинителството.
Семејството заедно со граѓани и активисти веќе одржаа протест кај „Сити мол“, десет денови откако таму на 20 јануари животот го загуби младата Николова. Носејќи црни маици со нејзиниот лик, побараа да престане сообраќајното насилство, а властите да преземат сериозни мерки и да се спроведуваат построги казни.