Протест во Пржино поради бесправното градење згради откако падна потпорен ѕид

Жители на скопската населба Пржино денеска напладне излегоа на протест за да побараат да запре градењето згради во некогаш мирната населба, откако пред неколку дена се сруши потпорен ѕид над кој треба да никне нова зграда.

„Градоначалникот рекол дека одново ќе се разгледа одобрението за градба и ако има проблеми ќе се преземат санкции. Јас не знам какви проблеми треба да има со документацијата, кога во реалност паѓа цел ѕид. Што ќе се случи утре со цела зграда, каква е таа несериозност!? И доколку сака транспарентност за општината за која ние не сме чуле и виделе, во тој случај бараме сериозна фирма која што ќе направи увид на ситуацијата тука, и бараме ревизија на ДУП-от, ревизија на одлуката од компетентни лица, значи комисија која ќе види дали навистина има проблеми во таа документација бидејќи ние сме сигурни дека има. Според ДУП-от, 18 метри не може да биде градба во Пржино. Нашиот живот е загрозен “, изјави Искра Димитрова, жителка на населбата.

Жителите со протестот побараат и мораториум на сите противправни градежни активности, транспарентна и јавна ревизија на ДУП-от, но и транспарентност на месната заедница. Протестот кој се одржа на автобуската станица на последна 16-ка, го искористија да потсетат дека се потребни почести ноќни автобуски линии и враќање на старата линија со број 6, како и поголема грижа од надлежните за јавните простори.

Во продолжение, погледнете ја галеријата од протестот:

П.М/Ј.Ј.