Еколошката организација „Здрава котлина“ најавува протест во Струмица на 1 февруари, поради, како што велат, граѓанско незадоволство со воздушното загадување во Струмичката котлина како и бавното функционирање односно нефункционирање на системот што законски требаше да го држи под контрола загадувањето што сите ние го дишеме секој ден.
„Наместо заштита и контрола од загадувањето, Струмица е 7-ми најзагаден град во Европа и нивоата на сулфур диоксид веќе подолг период кумулативно се поголеми од сите останати градови во Македонија ставени на едно место“, истакнуваат од „Здрава котлина“.
Според нив, сулфур диоксид не е од огревно дрво од домаќинствата, туку отпечаток на индустриско загадување во присуство на метастазирана висока корупција и мрсни профити што го јаде здравјето и животот на сите Струмичани без исклучок.
„Зимата полека поминува, но како и до сега проблемите остануваат, а без акција и јавен притисок само ќе оставиме повторно и повторно да има алиби за во иднина да нема решение на наталожените проблеми“, додаваат од еко-организацијата.
Поконкретно за целата организација на протестот, од „Здрава котлина“ ќе известат во наредните денови.
„Излезете за здравјето на вашите најмили и здрава иднина!“, потенцираат оттаму.