Протест за малиот Алмир денеска на Камениот мост

Граѓани денеска во 14 часот ќе излезат на протест на Камениот Мост во Скопје за да упатат најостра осуда за обидите да се направи преквалификација на кривичното дело „убиство“ во кривично дело „сообраќајна несреќа со смртни последици“ во случајот на убиеното дете Алмир.

Тие бараат од Јавното обвинителство на Република Македонија, но и од Јавните обвинители како носители на функции, стручно и совесно да ја вршат нивната функција и да одлучат како што предвидува правото и правдата, односно да не го преквалификуваат делото во случајот на убиството на Алмир.

„Не сакаме и овој случај да биде од еден од тие во коишто, по кој знае кој пат, ќе констатираме постоење на селективна правда. Се надеваме дека конечно правото во Република Македонија ќе профункционира , и дека ќе се почитуваат правните норми“, се вели во повикот за протестот.

Македонската јавност пред речиси две години ја потресе случајот со четиригодишниот Алмир од Куманово, кој беше прегазен, по што почина. На случката ѝ претходела расправија меѓу родителите на детето и осомничениот за прегазувањето. Ден по информацијата за неговата смрт, беше објавен и видеозапис од немилиот настан.

 

Дали снимката на која се гледа како е прегазен малиот Алмир е од јавен интерес?

Ова не е првпат да се одржи протест за случајот на Алмир. Во февруари, минатата година, граѓанското здружение „Зани“ протестираше кога започна судскиот процес.

Од „Зени“ тогаш бараа правда и правично судење за убиството на Алмир, како и обидот за убиство на неговите родители.