Протест за солидарност со народот на Палестина и Либан ќе се одржи во Скопје на 7 октомври (понеделник) пред Владата со почеток во 18 часот. Организатори на протестот се студентската иницијатива УКИМци за Палестина, „Fridays For Future Negotino“ и Социјалниот центар Дуња.
„Пред една година започна најновиот бран насилство на израелската воена машина против Палестина. Пред нашите очи го врши злосторот на геноцид. Во меѓувреме, наместо да прекине со геноцидот во Газа, израелската воена машина го прошири насилството врз Либан. Ако не биде запрена, таа може да разгори регионална војна со уште поголемо страдање од досегашното. Тешка срамота е потомци на луѓе што го доживеале Холокаустот да покажуваат толкава незауздана бестијалност и безобѕирност кон животите на немоќните и различните од себе. Мора да ја запреме израелската воена машина! Ние, обичните луѓе со совест и емпатија ширум светот, предадени од властите што им слугуваат на центрите на моќ“, се вели во најавата за протестот.
Организаторите со протестот ќе ги испратат следниве неколку барања до македонската власт: да прекине со вазалското послушништво кон империјалниот господар и да се вклучи во меѓународните напори да се стави крај на насилството, да се приклучи кон мнозинството држави во светот што ја признаваат палестинската држава, да прекине со практиката во Генералното собрание на ОН да гласа „воздржано“ или „против“, поткопувајќи ги напорите да се спречи геноцидот и да се постигне мир, да се приклучи кон повиците да се воведе ембарго за дотур на оружје за израелската воена машина и државава да се приклучи кон државите и меѓународните организации што ја поддржуваат јужноафриканската пријава на Државата Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
Палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври 2023 година лансираше неочекуван напад врз Израел во близина на појасот Газа во кој загинаа 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани, според Израелските податоци. Израел возврати со воздушни напади кои ескалираа во војна, а во кои, според податоците на Министерството за здравство управувано од Хамас, се убиени 33.000 Палестинци. Војната во Газа сè уште трае.
Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и политичката партија и милитантна група Хезболах се случи во понеделникот (30 септември) во јужен Либан. Копнената инвазија започна во понеделникот вечерта неколку дена откако во воздушен напад беше убиен Хасан Насрала, водачот на милитантната група која е поддржана од Иран.
Хезболах истрела ракети кон северниот дел на Израел, додека Либан претрпе двонеделни воздушни напади во кои, како што велат либанските власти, се убиени повеќе од 1.000 луѓе, а милион биле принудени да ги напуштат своите домови.