Активистите од иницијативата „Младите на Штука-Иловица против рудникот“ следната недела (24 март) до 15-17 часот најавуваат протест против изградбата на рудникот за кој веруваат дека неповратно ќе ја загади животната средина во овој регион.
Протестот е најавен како марш, од Босилското игралиште па се до Општина Босилово, во чиј атар треба да се гради рудникот.
Тие укажуваат дека Југоисточниот регион (во чиј склоп е опфатена Струмичката котлина ) е втор во учеството на вкупниот БДП на Република Македонија веднаш по Скопскиот регион, а најголем број од населението се занимава со земјоделство. Истовремено, потсетуваат, Струмичката котлина е дел од 25% од земјоделските површини со разгранет систем за наводнување кои моментално редовно се наводнуваат заради добивање на земјоделски производи. Појаснуваат дека водата за наводнување до нивите на земјоделците сега доаѓа од акумулацијата Турија, додека првите најпогодени села од рудникот Иловица и Штука се служат и од браната Иловица која се полни од реката Иловица.
„Првото нешто што ќе претставува проблем за земјоделието е токму недостигот на вода за наводнување, која и онака е дефицитарна во летниот сушен период, зошто, како што е предвидено со планот на Еуромакс тие планираат да се служат пред се со водата од акумулацијата Турија !! Со тоа во прв план се намалува водниот фонд за земјоделците!! Друг проблем со водите се подземните води !! Според резултатите од тестирањата се укажува на голема пропустливост на геологијата на наоѓалиштето, што значи пропустливост на карпите под наоѓалиштето и можност за навлегување на површинските води директно од наоѓалиштето (загадени) низ карпите до подземните води, кои пак се на релативно мала длабочина во селата Штука и Иловица, а својот пат до површината го наоѓаат преку голем број бунари и дупчотини од кои пред се со вода се снабдуваат селата Иловица И Штука а голем број од земјоделските површини во тој крај се наводнуваат токму од подземните води.
А како што кажавме водата е основата преку која земјоделските култури ги внесуваат материите од почвата во себе, што тоа значи дека доколку се внесе загадена вода и квалитетот на земјоделскиот производ ќе опадне а во најлош случај тој ќе биде и нездрав за конзумирање !!! Со намалување на квалитетот на земјоделските производи ќе се намали и пласманот и побарувачката за истите. Немањето пазар за земјоделските производи ќе значи и пад на БДП-то, удар по буџетот на земјоделците и замирање на поголемиот дел од еконоските процеси во нашиот регион кои пред се се ориентирани кон земјоделие“, посочуваат од иницијативата, споделувајќи ја својата загриженост преку социјалните мрежи.