Иницијативата „Зелен хуман град“ најави протестен марш за чист воздух во Скопје кој ќе се одржи на 10 декември. Маршот ќе започне од Министерството за животна средина, преку Собранието, а ќе заврши пред Владата.
„Секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17.7% од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови“, пишува во најавата на „Зелен хуман град“ за протестот објавена на Инстаграм.
Оттаму посочуваат дека особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух.
„Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем. Бараме од надлежните институции, владата на Република Македонија и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот. Граѓаните нема веќе да толерираат неодговорно однесување кон еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваме“, истакнуваат од „Зелен хуман град“.
Во продолжение интегрално ги пренесуваме барањата на протестот за итно постапување:
„1. Бараме Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето.
Температурните инверзии се природен феномен во котлини и не дозволуваат генерираното загадување да излезе од нив. Тие најчесто се формираат при студено време, затоа аерозагадувањето е најизразено во зима. Во котлини опкружени со планини како Скопје, Тетово, Битола и други, природниот проток на воздух е блокиран, што доведува до намалена циркулација. Во зимскиот период без ветер, воздухот станува “заробен,” а ниските температури го прават густ и неподвижен. Како последица, штетните честички од домаќинствата, возилата и индустријата остануваат густо заробени во воздухот наместо да се расеат или кренат нагоре. За разлика од летото, кога повисоките температури ја поттикнуваат циркулацијата воздухот и го разредуваат загадувањето
2. Јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат.
Јавниот регистар ќе овозможи транспарентност, следење на напредокот и спречување на работа на субјекти кои не ја имаат дозволата согласно со Законот за инспекциски надзор. Особено загрижувачки се компаниите како Евротим, која увезуваше гориво со штетни хемикалии за користење во јавни институции. За големите загадувачи како Усје и Макстил, ваквите дозволи се клучни за ефективната контрола на емисиите на прашина, сулфур диоксид и други загадувачи. Во случајот со Дрисла, проблемите со управувањето со отпадот и незаконското горење на отворено дополнително ја влошуваат ситуацијата со загадувањето на воздухот и почвата. ОХИС, пак, претставува сериозна закана за животната средина поради присуството на опасни хемикалии, за кои е неопходно внимателно следење и контрола на загадувањето.
3. Забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според чл. 145 став (2) алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно за ограничувањето во населени места 50 km/h).
Ако се земе предвид основата на сообраќајната теорија – за секој 1% зголемување на обемот на сообраќајната инфраструктура за автомобили, правопропорционално (за 1%) се зголемува бројот на автомобили [3], се доаѓа до неизбежниот заклучок колку повеќе и колку пошироки улици – толку повеќе автомобили. Ова се нарекува „изнудена побарувачка” и иако на оние кои немаат експертиза во сообраќај им делува логично дека проширувањето на улиците ќе го намали метежот, во реалноста секоја нова улица се пополнува со нови автомобили и повторно се создава метеж и застој. Следствено, автомобилскиот сообраќај мора да се демотивира во комбинација со мерки со кои се мотивираат велосипедскиот сообраќај и користењето на јавниот превоз.
4. Бараме да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5″ стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален „ЕУРО 6″ стандард.
Одлуката да стапи на сила на 1.1.2025 година. Во регионов вакви услови имаат воведно Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора. Заштитата на здравјето на граѓаните потребна е да биде пред се. Барање-мерка од 02 Иницијатива.
5. Бараме да се изработи план за режим на сообраќај кој се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи доколку тоа трае подолго од 24 часа.
Спроведувањето треба да подразбира координација помеѓу општините (Град Скопје, Битола, Тетово и други) и МВР. Планот задолжително треба да вклучува намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемено загадување. Барање мерка од Скопје Смог Аларм.
6. Бараме да се усвои Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин” Скопје. Користењето на моторни возила секојдневно ја зголемува концентрацијата на штетни честички во воздухот, што директно влијае на нашето здравје. Затоа, потребно е веднаш да се усвои правилникот за планирање, проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура. Овој правилник ќе овозможи создавање на безбедни и одржливи велосипедски патеки во сите градови, што ќе ги поттикне граѓаните да користат велосипеди наместо возила. Така, ќе се намалат емисиите на СО2 и другите загадувачки материи, што ќе доведе до значително подобрување на квалитетот на воздухот. Секојдневната употреба на велосипеди, наместо автомобили, има директен ефект на намалување на загадувањето и бројот на заболувања поврзани со тоа“, се посочува во барањата за итно постапување.
View this post on Instagram