Протестен марш за чист воздух утре во Скопје

Здружената иницијатива „Зелен хуман град“ повикува на протестен марш во сабота, 28 декември, со почеток во 12 и 30 минути пред Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму, ќе се маршира кон Собранието на Македонија, потоа кон Владата, а протестот ќе заврши пред бараките на Град Скопје.

„Поминаа речиси три недели од претходниот протест, две недели од доставените барања, а одговор од институциите уште нема. На кого му служат? Без чист воздух нема здравје! Без здравје нема живот! Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките!“, велат од иницијативата.

Оттаму очекуваат секој граѓанин од Скопје и секој кој може од останатите градови да се приклучи на протестот за чист воздух.

„Да ја испратиме 2024 година со чиста совест дека сме направиле најмалку што можеме за нашето здравје и здравјето на идните генерации! Колку повеќе сме, толку поголем ќе биде притисокот за вистински промени! Воздухот што го дишеме не е за преговарање и немаме повеќе време за чекање!“, истакнуваат од „Зелен хуман град“.

За тоа како аерозагадувањето му штети на здравјето може да прочитате повеќе овде, додека за тоа кои мерки и барања ги бараат од иницијативата – на линкот.

„Излези за себе. Нема оправдување, нема ‘други обврски’. Без здравје нема живот. Ти мора да дишеш!Твоите деца мора да дишат! Излези и бори се за своето право на чист воздух!“, повикуваат од „Зелен хуман град“.

Инаку, оттаму повикуваат денеска, 27 декември, со почеток во 19 часот во „Лабораториум“ на правење плакати и пароли за чист воздух за протестот.