Протестниот марш за солидарност со народот на Палестина и Либан ќе се одржи во сабота (30 ноември). Збирно место е пред склуптурата „Симфонија на мирот“ во 12 часот, а ќе се маршита до Влада.
„Протестот ќе го започнеме пред скулптурата „Симфонија на мирот“, посветена на холокаустот од Втората светска војна. Целта ни е да нагласиме дека холокаустот не смее да се повтори! Без разлика на кој јазик плачат децата чии родители се убиени и на кој јазик ги оплакуваат родителите своите убиени деца!“, се вели во најавата.
Организаторите велат дека маршот е неслучајно закажан ден по 29 ноември кој се празнуваше како Ден на Републиката во Југославија.
„Југославија, како што треба, била голем поддржувач на борбата против колонијализмот и во таа насока ја признавала Палестина. Денес, од државите наследнички на Југославија, само три имаат отстапено од оваа позиција и не ја признаваат Палестина: Македонија, Косово и Хрватска“, се додава во соопштението.
Во најавата се упатуваат неколку барања до власта: Да прекине со вазалското послушништво кон империјалниот господар и да се вклучи во меѓународните напори да се стави крај на насилството; Да се приклучи кон мнозинството држави во светот што ја признаваат палестинската држава; Да прекине со практиката во Генералното собрание на ОН да гласа „воздржано“ или „против“, поткопувајќи ги напорите да се спречи геноцидот и да се постигне мир; Да се приклучи кон повиците за воведување на ембарго за дотурот на оружје за израелската воена машина!; Да даде јасно до знаење дека го почитува Меѓународниот кривичен суд и дека ќе ги екстрадира во Хаг Бенјамин Нетанјаху и Јоав Галанд ако тие станат достапни за македонските власти; Да се приклучи кон државите и меѓународните организации што ја поддржуваат јужноафриканската пријава на Државата Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
„Протестот ќе заврши пред Владата, бидејќи оваа, како и претходните вазалски власти, се оглушува на напорите на хуманото човештво да се заузда израелската воена машина и да се стави крај на војните и страдањето во Палестина и Либан“, велат организаторите.