Со протестен собир во сабота (12 декември) на плоштадот „Магнолија“, членовите на здружението „За нас се работи“ ќе побараат итно решавање на проблемот со загадувањето во Битола.
Од здужението велат дека се загрижени, револтирани и исплашени за своето и здравјето на најблиските, а причина за повикот за протест е алармантната долгогодишна состојба со загадениот воздух во градот и околината.
„Секако решението на овој горлив и долгогодишен проблем е пред се во политичката волја, односно, волјата на институциите на системот, во чии раце лежи секое решение на општествените проблеми особено на оние егзистенцијални, кои се загарантирани со уставот и законите на Република Македонија.Секоја власт во досегашното раководење со државата имала свои приоритети, но од досегашното се добива впечаток дека основните проблеми со загадениот воздух во нашиот град се далеку на листата на приоритети, како на централната така и на секоја локална власт во изминатиов период“, снетаат од здружението.
Тие повикуваат на поддршка на платформата „5-ка за Битола ” во која веќе се наведени пет најитни мерки за справување со загадувањето на воздухот, со кои ќе се намали присуството на загадени материи и ПМ10 честички. Како дел од мерките се предложува воведување режим на сообраќајот во централното подрачје на градот, прскање на улиците со соодветна хемиска смеса, јавен еколошки градски превоз, субвенционирање на трошоците за електрична енергија на домакинствата како и преадаптација на постојната топлификација во институциите кои се греат на тврди горива (мазут).
„Според сите наши досегашни сознанија и анализи, преземањето на овие ИТНИ мерки, подразбираат ребаланс на општинскиот и државнот буџет. Но со оглед на важноста за решение на овој долгогодишен проблем, сметаме дека ПРИОРИТЕТ ТРЕБА И МОРА ДА СЕ ДАДЕ на животот и здравјето на граѓаните од кои СЕКОЈА ДОСЕГАШНА ВЛАСТ односно политичка партија ја барала неговата доверба и поддршка. Еве го моментот кога сите чинители и создатели на општествените политики имаат можност да ја покажат својата добра волја и разбирање на горливиот проблем на нас Битолчани“, велат од „За нас се работи“.
Мерките за намалување на загадувањето на воздухот од платформата „ 5-ка за Битола“ во наредните денови ќе бидат доставени до сите здруженија на граѓани, политички партии и други чинители во градот со барање за нејзина поддршка. Протестниот собир исто така ќе биде почеток за поддршка на петицијата од страна на граѓаните за која во наредниот период ќе се собираат потписи во Битола.