Во Јапонија но и земјите од регионот граѓани протестираа поради одлуката на јапонската Влада да започне да испушта еден милион тони прочистена радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима во Тихиот Океан, 12 години по нуклеарната катастрофа.
Операторот на централата, компанијата Токио електрична енергија (Тепко) испушти мала количина на вода од нуклеарката два дена откако планот беше одобрен од властите. Од компанијата велат дека не регистрирале никакви абнормалности.
Набљудувачите од Меѓународната агенција за атомска енергија на Обединетите нации, која го поддржа ваквиот план на јапонската Влада, се присутни на лице место, а работниците од Тепко треба да земат примероци од водата за испитување во текот на денот.
Испуштањето на радиоактивната вода, кое се очекува да се случува постепено во следниве 30 до 40 години, предизвика бес во соседните земји и загриженост кај рибарските заедници кои сметаат дека овој процес ќе ја уништи нивната индустрија бидејќи потрошувачите ќе гледаат да избегнуваат било каква морска храна уловена околу Фукушима.
Кина соопшти дека го забранува увозот на морска храна од Јапонија со образложение дека тоа се прави за да се „превенира ризикот од радиоактивна контаминација“.
Во Јужна Кореја пак беа приведени 14 студенти кои демонстрирале поради испуштањето на водата. Тие се уапсени бидејќи се обиделе да влезат во јапонската амбасада во Сеул во знак на протест.
Анкета од јуни покажува дека 84% од Корејците не сакаат водата да се испушти во океанот. Либералната опозициска партија во Јужна Кореја, која е многу критична за ваквиот чекор на јапонските власти, соопшти дека ваквиот план е еднаков на „воден тероризам“ и „втора Пацифичка војна“. Оттаму најавија и дека викендов ќе бидат одржани нови протести.
Начинот како да се испушти отпадната вода која се имаше наталожено на локацијата на североистокот на Јапонија предизвика дипломатски проблеми за јапонската Влада и покрај поддршката за нивниот пристап од Меѓународната агенција за атомска енергија на Обединетите нации. Водата се контаминираше откако беше користена да ги разлади трите нуклеарни реактори кои се стопија откако нуклеарната централа во Фукишима беше погодена од силно цунами во март 2011 година. Брановите принудија 160.000 луѓе да се евакуираат од локацијата во најлошата нуклеарна катастрофа по онаа во Чернобил.
Водата првично ќе се испушта во умерени количини со екстра контроли, соопштија од Тепко, а првиот испуст ќе трае 17 дена.
Надлежните во Јапонија убедуваат дека испуштањето на прочистената вода нема да го направи океанот порадиоактивен од тоа што е во моментов и дека ризикот по здравјето на луѓето е многу мал. Од Тепко велат дека искористиле технолошки процеси за да ги отстранат најголемиот дел од радиоактивните супстанци од водата, но не можат да го прочистат тритиумот, радиоактивниот изотоп на водород кој се смета за релативно безопасен бидејќи, според компанијата, емитира многу слаби нивоа на радијација и не се таложи или концентрира во човековото тело.
Сепак дел од научната заедница предупредува дека нема доволно студии за да се знае какво ќе биде влијанието на тритиумот по здравјето на луѓето и морскиот живот. Од еко-организацијата Гринпис соопштија дека радиолошките ризици не се доволно анализирани и дека биолошкото влијание од тритиумот биле игнорирани.
Од Тепко велат дека првиот испуст ќе содржи околу 190 бекерели на тритиум по литар, што е далеку пониско ниво од стандардите на Светската здравствена организација кои пропишуваат најмногу 10.000 бекерели на литар. Јапонските власти велат дека водата, која се разредува со морска вода пред да биде испуштена во Пацификот преку подводен тунел, е безбедна. Нивните тврдења се поддржани и од последната анализа на Меѓународната агенција за атомска енергија, која соопшти дека испуштањето на водата во океанот ќе има незначителен радиолошки ефект на луѓето и животната средина.