Илјадници луѓе вчера излегоа на улиците во најголемите градови во Турција во знак на протест против повлекувањето на земјата од меѓународниот договор за борба против насилството врз жените, односно Истанбулската конвенција, потег кој предизвика сериозни критики од западните сојузници, јавува „Ројтерс“.
Протестите се случија неколку часа откако претседателот Реџеп Таип Ердоган го правдаше потегот за повлекување од конвенцијата, која беше донесена во најголемиот град во земјата во 2011 година, а која имаше за цел да спречи и гони насилство врз жените и семејно насилство.
„Нема да бидеме замолчени, нема да се плашиме, нема да се поклониме“, скандираа жените во толпата од неколку стотици луѓе кои се собраа во главниот град Анкара. „Не се откажуваме од Истанбулската конвенција“, гласеше еден од транспарентите на протестот.
„Неверојатно е тоа што Владата ги одзема правата наместо да ги подобрува. Секојдневно се будиме со фемицид или убиство на транс лица, и како жени не е можно да се чувствуваме безбедно во оваа земја“, изјави една студентка на протестот.
Повеќе од 1.000 луѓе демонстрираа во центарот на Истанбул, каде имаше зголемено полициско присуство, а помали протести се одржаа и во Измир и на други места низ целата земја.
Претседателот Ердоган го најави повлекувањето од конвенцијата уште во март годинава, велејќи дека Турција ќе ги искористи своите локални закони за заштита на правата на жените.
„Нашата битка не започна со Истанбулската конвенција и нема да заврши со нашето повлекување од договорот“, рече тој.
Повлекувањето на Анкара предизвика осуда и од Соединетите Американски Држави и од Европската Унија, а критичарите велат дека тоа ја оддалечува Турција уште повеќе од патот кон Европската Унија.