Во Грција избија протести поради сударот на два воза во кој загинаа 43 луѓе, а бесните граѓани кои излегоа на улиците обвинуваат дека било прашање на време кога ќе се случи ваква трагедија.
Демонстрантите се судрија со полицијата пред седиштето на Грчката железница во Атина, компанијата која е одговорна за одржување на железничката инфраструктура, пренесува Би-Би-Си.
Протести се одржаа и во Солун и во Лариса во чија близина се случи несреќата во вторникот доцна во ноќта. На бдеењето во Ларса еден од демонстрантите изјавил дека трагедијата била само прашање на време.
„Железничката мрежа изгледаше проблематично, со изморени и ниско платени работници“, вели Никос Сава, студент по медицина за АФП.
Во Грција беше прогласена тридневна жалост, а од Владата сооопштија дека ќе се спроведе независна истрага која треба да ја лоцира одговорноста за сударот.
Несреќата се случила кога патнички воз се судрил во товарен воз, што предизвикало предните вагони да се запалат и речиси целосно да бидат уништени.
Голем дел од 350-те патници кои биле во возот биле студенти во нивните 20-ти години, кои се враќале во Солун по продолжен викенд.
Премиерот Кирјакос Мицотакис изјави дека за несреќата е последица на човечка грешка.
59-годишниот управител на железничката станица во Лариса е обвинет за убиство од небрежност. Тој отфрла било какви неправилности и одговорноста ја префрла на техничка грешка.
Грчкиот министер за транспорт, Костас Караманлис, поднесе оставка по трагедијата, со образложение дека тој ќе ја понесе одговорноста на власта за долгогодишните пропусти во коригирање на железничкиот систем, за кој вели дека не е соодветен на 21 век.
Членовите на синдикатот на железницата сметаат дека безбедносните системи не функционирале соодветно, а велат дека на ваквите пропусти предупредувале повеќе години наназад. Железничарите најавија дека ќе стапат во штрајк денеска, со образложение дека властите ја запоставуваат грчката железничка инфраструктура.