Стотици луѓе во Истанбул вчера маршираа до грчкиот конзулат во протест поради смртта на 19 мигранти во близина на турската граница со Грција.
Турските власти велат дека тие измрзнале до смрт претходнава недела откако нелегално биле вратени од границата од страна на грчките погранични служби. Грчката власт, пак, ги отфрла овие обвиненија.
На протестот кој беше организиран од турските хуманитарни организации можеа да се видат транспаренти на кои пишуваше „Затворете ги вратите на расизмот, отворете се кон хуманизмот“.
„На луѓето им биле соблечени облеките и им биле одземени предметите. Тие биле оставени да умрат и целиот свет молчи за ова“, вели Фехми Булент Јилдирим, директор на хуманитарната организација ИХХ, пренесе Еуроњуз.
Тој го повика Европскиот Парламент итно да преземе акција по ова прашање и да го спречи суровиот однос кој ги предизвикува овие, како што ги нарече – злосторства против човештвото.
Турција често ја обвинува Грција дека спроведува нелегални одбивања на мигранти кои сакаат да ја преминат копнената граница меѓу двете земји.
Во телевизиско интервју, заменик-претседателот Фуат Октај ја обвини Грција за „убиство“, додавајќи дека „сите ЕУ држави се одговорни за смртта на 19 луѓе“.
Грчкиот министер за миграција, Нотис Митрачи изјавил дека смртта на мигрантите е трагедија, но ги одбил сите тврдења дека грчките служби ги одбиле мигрантите, посочувајќи дека луѓето никогаш не стигнале до грчката граница.
Турција е централната точка за мигрантите кои се движат од Блискиот Исток, Азија и Африка кој ЕУ државите во потрага по подобар живот. Најголем дел од нив ја преминуваат турско-грчката граница.